Епидемиологот д-р Драган Данаиловски го коментираше случајот во изминатите денови кога Скопје беше преполно со ѓубре и отпад поради протестот во ЈП „Комунална хигиена“. Тој на својот Фејсбук профил објави дека за него е нејасно зошто надлежните молчеа, кога на Скопје му се случуваше „мијазма“ во 21 век.
Вели дека мачките, кучињата скитници, мувите, стаорците, разнесувајќи го ѓубрето насекаде, заедно со бројни причинители на опасни заразни заболувања, може да придонесат за несогледливи здравствени ризици за жителите на градот.
-Небитно е и сеедно е која е заднината. „Мијазмата“ е тука. Опиплива и смрдлива! Рај за мачки и кучиња скитници. И за роеви муви. И птици мршојадци. И за глувци и стаорци! Тие, најдени во неверување, наеднаш соочени со можност за гозба, го разнесуваат пленот наоколу. Заедно со причинители на опасни заразни болести… со несогледливи здравствени ризици за жителите на градот, стои меѓу другото во објавата на д-р Даниловски.