Микрочипирањето на домашните миленици е законска обврска за сопствениците, апелираат од АХВ

Микрочипирањето на милениците има за цел трајна идентификација на животните, спречување на нивно напуштање и контрола на нивното размножување, но и нивно полесно пронаоѓање во случај на губење или кражба

од Nikola Popovski
11 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телма Тв

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до сопствениците на домашни миленици – кучиња за исполнување на законската обврска за идентификација на миленикот со микрочип и негова регистрација во модулот за домашни миленици на Информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство, за што се издава и пасош за домашен миленик.

Апликацијата на микрочипот е еднократна, односно, миленикот чипот го носи до крајот на животот. Микрочипирањето е основа за дефинирање на сопственоста на домашниот миленик, за обезбедување навремена и квалитетна здравствена заштита на животните и поголема безбедност за сопствениците, од аспект на пренесување на заразните болести од животните на луѓето, велат од АХВ.

„Сопствениците кои ги имаат микрочипирано домашните миленици ги потсетуваме дека имаат законска обврска секоја промена во однос на податоците за животното, или сопственикот да ја пријават до надлежното ветеринарно друштво кое треба да изврши промена во електронската база на податоци. Во базата на податоци треба да се евидентира и угинувањето, губењето или купопродажбата на животните.

Микрочипирањето на милениците има за цел трајна идентификација на животните, спречување на нивно напуштање и контрола на нивното размножување, но и нивно полесно пронаоѓање во случај на губење или кражба“, се наведува во соопштението на АХВ.

Од здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ алармираа дека проблемот со бездомните кучиња во главниот град не е само последица на уличната репродукција, туку резултат на неодговорното сопствеништво. Од Здружението бараат напуштањето миленик да стане кривично дело. Тие веќе доставиле иницијатива до Владата и ресорните министерства за правда и за внатрешни работи за измена на Кривичниот законик од каде очекуваат конкретни законски измени и што поскора измена на Законот за заштита и благосостојба на животните кој е во процедура.