Милан одлучи дека Рафаел Леао заслужува поголемо зголемување на платата од планираното во последните месеци и во врска со тоа ќе излезе со нова понуда, пренесe „Газета дело спорт“. Во моментов напаѓачот за својот придонес добива скромни 1,5 милиони евра. Шампионите размислуваа да потпишат нов договор со него за плата од 4,5 милиони, но неодамна одлучија хонорарот да оди до 6 милиони.
Во понудата е и продолжување на договорот за две сезони – до 2026 година.
Откако му помогна на Милан да го подигне Скудетото, Леао дури накратко беше поврзуван со Реал Мадрид. Во неговиот договор има откупна клаузула во висина од 150 милиони евра и клубот не планира да го продаде за помалку.
Важно е да се напомене дека и самиот фудбалер има итна потреба од средства бидејќи му беше наложено да плати 16,5 милиони евра обештетување на својот поранешен клуб Спортинг (Лисабон) поради раскинување на договорот во 2018 година.