Милан се уште е во потрага по стопер. До јуни им треба замена за Кјаер, а сега во прв план дојде Ерик Баи од Манчестер Јунајтед. Поранешниот играч на Виљареал е во втор план на „Олд Трафорд“ и според Џанлука Ди Марсио, експерт за трансфери, зделката би можела да биде комплетирана до крајот на неделата.
Првата желба на Милан беше Бремер од Торино, но „биковите“ нема да го продадат до крајот на сезоната, додека Ботман од Лил е прескап. „Росонерите“ едноставно не можат да се тркаат со богатиот Њукасл, чија понуда од 35 милиони веќе ја одби францускиот шампион.
Во игра имаше и други имиња како Аксел Дисаси, младиот стопер на Монако, но „кнезовите“ одбија да преговараат за под 25 милиони фунти, што е речиси двојно повеќе во однос на летото кога му платија 13 милиони на Ремс.
Што се однесува до Нејтан Аке, проблемот е формулата – Манчестер Сити не сака да го позајми без задолжителен откуп, а Малдини ја доби истата порака од Пари Сен Жермен и неговиот поранешен соиграч Леонардо, кога е во прашање Абду Диало.
Да се потсетиме кои играчи сепак ги следеше Милан. Салаи од Фенербахче е сепак прескап, не влева толкава доверба, како опција се споменуваше Маланг Сар од Челси, но Баи изгледа е единствениот кој ги исполнува критериумите и, како што кажавме, би пристигнал на позајмица, без задолжителен откуп.
Овој Африканец е во втор план, моментално е со Брегот на Слоновата Коска во Африканскиот куп, има договор до 2024. Лани на „Олд Трафорд“ го одигра својот 100. меч за Јунајтед против Милан во Лигата на Европа.
Милан утре ќе игра во купот против Џенова на Шевченко, Пиоли ќе ги измеша картите, бидејќи Специја доаѓа за викенд. Доколку Интер не победи во Бергамо, а „росонерите“ забележат триумф, ќе ја заземат лидерската позиција на табелата, иако со натпревар повеќе од градските ривали.