Тренерот на Милан, Пауло Фонсека, ја презеде одговорноста за лошите резултати на „росонерите“ на стартот од новата сезона во Серија „А“, пренесуваат италијанските медиуми.
Фудбалерите на Милан на 17 август во првото коло од Серија „А“ одиграа 2:2 со Торино на домашен терен, а во саботата беа поразени од Парма на гостински терен со резултат 1:2.
„Морам да кажам дека за се што се случува со овој тим, јас сум одговорен како тренер. Ја преземам одговорноста и не сакам да бегам од тоа. Сепак, јасно ми е дека има колективен проблем кога станува збор за одбраната и агресијата“, рече Фонсека, кој го презеде тимот на Милан на крајот од минатата сезона.
Тој истакна дека играчите на Милан мора да ја подобрат својата игра во остатокот од сезоната.
„Кога некој ќе ни направи притисок, станува тешко да останеме компактни и да си ги вратиме позициите. Кога се враќавме на нашите позиции, бевме пасивни. Има многу работи. За мене тоа е проблем со ставот, енергијата и желбата да се браниме како тим. “, заврши Фонсека.
Фудбалерите на Милан ќе му гостуваат на Лацио во следното коло од Серија „А“.