Тренерот Гиљермо Милано и следната сезона ќе седи на клупата на ракометниот клуб Вардар и ќе го предводи тимот. Клубот и Аргентинецот се договорија на нова соработка која треба да донесе и нови радости за најтројениот македонски клуб.
Милано дојде во Вардар во ноември 2024 година и оттогаш има биланс од 18 победи, два натпревари завршија со реми и само еден пораз, и тоа во 2024 година. Меѓу другото го победи Мелсунген во Скопје во Лига Европа, и триумфираше во Битола кај Еурофарм Пелистер, велат од клубот.
Клубот има шанси да ја освои двојната круна во Македонија. Викендов игра во полуфиналето на Ф4 турнирот во Охрид, а во првенството е на чекор до враќање на титулата. Треба да игра натпревар со Тиквеш во гости, а потоа во последното коло пред домашна публика со Еурофарм Пелистер ќе се решава за шампионската титула.