Адвокатот Еленко Миланов, бранителот на осудените во случајот „Организаторите на 27-ми април“, во изјава по објавувањето на пресудите рече дека останува нејасно за што е донесена оваа пресуда, дали за тоа што се случи на 27 април 2017 година или за протестите „За заедничка Македонија“, бидејќи во образложението не слушнал ниту еден момент или факт, кој што зборува за дејствија на било кои од неговите штитеници.
„Оваа пресуда покажува дека имаме дежурни сведоци, дежурни лица, кои што се главни за сите предмети, а еден од нив е Александар Василевски – Нинџа, на кого уште еднаш му се посветува доверба и покрај сите факти на одбраната“, потенцира Миланов.
Кривичниот суд во Скопје денеска ги соопшти пресудите, со кои поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски е неправосилно осуден на шест и пол години затвор, екс-министрите Миле Јанакиески и Спире Ристовски добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски е осуден на 6 години затвор за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.