Милановиќ: На С. Македонија не треба да и се поставуваат невозможни услови, кои влегуваат во интимниот простор на нацијата

од Vladimir Zorba
264 прегледи

Претседателите на Хрватска, Австрија и Словенија – Зоран Милановиќ, Александар Ван дер Белен и Борут Пахор, се состанаа на осмиот годишен состанок на трилатералата во Костањевица на Крка во Словенија.

Главни теми на средбата се конференцијата за иднината на ЕУ, закрепнувањето по пандемијата на Ковид-19 и европската перспектива на државите од Западен Балкан. Фокус е ставен на бугарската блокада на Северна Македонија. Пахор изрази надеж дека до октомври, кога Словенија е домаќин на самитот на лидерите на ЕУ и Западен Балкан, може да се постигне компромис, кој ќе ја отвори вратата за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.

– Сите ја разбираме сложеноста на овој процес. Посебен акцент е ставен на прашањето за компромис кој би бил прифатен од Северна Македонија и Бугарија. Тоа е еден од ретките мерливи резултати на словенечкото претседавање. Ако успееме во тоа, што нема да биде едноставно, тогаш можеме да кажаме дека сме направиле многу за проширувањето на ЕУ во земјите од Западен Балкан, бидејќи ќе ја зајакнеме довербата во веродостојноста на Унијата, која претходно и вети на Северна Македонија дека доколку ги исполни сите услови поврзани со грчката блокада, ќе добие „зелено светло“ за продолжување на преговорите, изјави словенечкиот претседател.

Хрватскиот претседател од своја страна истакна дека на „Северна Македонија не треба да и се поставуваат невозможни услови, кои влегуваат во интимниот простор на нацијата“.

– И околу Западен Балкан, и околу Северна Македонија и Албанија, јас многу јасно кажав пред еден или два месеца, кога е во прашање Северна Македонија, но сега некои работи се изменети. Имаше избори во Бугарија, се надевам дека тоа ќе ја олесни ситуацијата и дека на младиот, новиот и малку економски послабиот кандидат Северна Македонија, нема да и се прават проблеми и да и се поставуваат услови кои се невозможни, односно кои влегуваат во интимниот простор на нацијата, додаде Милановиќ.

Шефот на словенечката држава објасни дека е многу важно, геополитичко прашање проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, во спротивно, според неговите претходни ставови, „некои други играчи ќе влезат во тој простор на југозападна Европа“.

Слични содржини