Милановиќ: Постои можност Албанија и Македонија да бидат разделени во преговарачкиот процес за влез во ЕУ

од Nikola Popovski
591 прегледи

За жал, постои можност Албанија и Република Северна Македонија да бидат одвоени во преговарачкиот процес за влез во ЕУ, бидејќи Република Северна Македонија има одредени услови кои доколку не ги исполни, нема да може да продолжи. Ова го изјавил претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, кој на покана на шефот на бугарската држава Румен Радев престојува во официјална посета на Бугарија.

Според него, Албанија најверојатно сама ќе може да го продолжи преговарачкиот процес.

-Сега ќе дојдеме до таму што најверојатно РСМ, доколку не ги направи овие уставни измени на кои се обврза, ќе треба да почека време кога ќе го стори тоа. Тоа е услов што постои, а кој ЕУ го прифати, коментира хрватскиот претседател, пренесува „БТА“.

-Македонија го потпиша овој услов и мора да го исполни, категоричен бил Милановиќ.

Тој коментира дека сите овие земји веќе треба да бидат дел од ЕУ, вклучувајќи ги Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија.

На истава тема пред неколку дена зборуваше и албанскиот премиер Еди Рама. Тој во интервју за бугарските медиуми истакнал дека Албанија и Северна Македонија не треба да бидат разгледани како пакет на нивниот пат кон ЕУ.

-Во тоа време, како што се сеќавате, разделувањето не беше опција. Затоа што не одлучувавме ние, туку Европскиот совет. Тоа ја направи нашата ситуација прилично загрижувачка, а нашата позиција доста отежната. Денес мислам дека нашите патишта природно се разделија. Затоа што од моментот кога една земја ги започнува пристапните преговори, нејзиниот пат зависи од нејзините заслуги, не од политиката или геополитиката. Барем така е на хартија. Сепак знаеме дека понекогаш, но и сè повеќе, тоа ​​што е напишано на хартија не се случува во реалноста. Но, не гледам причина повеќе да бидеме заедно. Секој има свој пат, кажал меѓу другото Рама за „БНТ“.

 

Слични содржини