Милановиќ пред Радев: Да се каже дека Украина е поблиску до членство во ЕУ е навреда за Македонија и Црна Гора

Да се каже дека Украина е поблиску до членство во ЕУ отколку Црна Гора или Македонија е дрска навреда кон тие земји, рече Милановиќ

од Nikola Popovski
114 прегледи

Хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ пред својот бугарски колега Румен Радев изјавил дека е дрска навреда кон земји како Црна Гора и Македонија да се каже дека Украина е најблиску до членство во Европската Унија. Тој исто така порачал дека спорот меѓу „Скопје и Софија е нивно внатрешно прашање“.

„Ми се чини сè поверојатно дека цинизмот и грубоста на одредени европски структури се незапирливи. Овие луѓе се чини дека се опседнати со Украина и како ова да е нивниот начин да останат на власт. Украина е земја во војна без јасно дефинирана територија, која не е во можност да се финансира сама. Да се каже дека Украина е поблиску до членство во ЕУ отколку Црна Гора или Македонија е дрска навреда кон тие земји. Тоа е неправедно и нехумано, ние ја уништуваме таа земја“, рекол денеска Милановиќ на прес-конференцијата со Радев.

Тој додал дека македонско-бугарскиот спор „е всушност внатрешно политичко прашање меѓу двете земји“, иако, како што вели, „пред неколку години застанав на страната на Македонија“.

„Помина многу време, владите се сменија и сега мислам дека тие мора да го решат меѓусебно. Бугарија е во ЕУ, Македонија не е, и повеќе нема да се ставам во ситуација да ми е жал за некого затоа што не може да влезе во ЕУ затоа што постои и живот надвор од ЕУ. Ми се чини дека сега е само прашање што сака Македонија со себе. Ако Македонија не сака да попушти, нема да пропадне ако не влезе во ЕУ“, потенцирал Милановиќ.

Зборувајќи за проширувањето на ЕУ, Милановиќ кажа дека Хрватска „морала да исполни повеќе критериуми од кој било друг“ на патот кон членство и дека поради тоа нема горчина или лутина, но верува дека е „реалност“ дека некои земји од Западен Балкан потенцијално ќе влезат во блокот „помалку подготвени од Хрватска“, додавајќи дека не мисли дека ова важи и за Украина и дека на таа земја „треба да ѝ се помогне да преживее“.

Слични содржини