Милатовиќ: Го цениме фактот што Македонија беше меѓу првите земји што ја признаа независноста на Црна Гора

„Црна Гора си постави амбициозна, но остварлива цел, да стане 28-ма членка на ЕУ во 2028“, порача црногорскиот претседател

од Nikola Popovski
26 прегледи Фото: Претседател.мк

Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, се обрати до јавноста по средбата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Скопјe, нагласувајќи ги силните пријателски односи меѓу двете земји, како и нивната меѓусебна посветеност на регионалната соработка и европската иднина.

На почетокот од своето обраќање, претседателот Милатовиќ се заблагодари за гостопримството и топлото добредојде.

„Дозволете ми да започнам со тоа што ќе ѝ се заблагодарам на претседателката Сиљановска-Давкова за нејзиното топло гостопримство и топлото добредојде во Скопјe. Особено ми е драго што престојувам во пријателска Северна Македонија и што денес имаме можност дополнително да ги зајакнеме односите меѓу нашите земји. Доаѓам тука како пријател на пријател, како брат во братска земја.

Оваа посета доаѓа како продолжение на мојот интензивен регионален ангажман и е петта официјална посета по ред, по посетите на Србија, Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина, што дополнително ја потврдува посветеноста на Црна Гора на зајакнување на регионалната соработка“, рече претседателот.

Укажувајќи на традиционалните врски меѓу двата народа, тој истакна дека нашите земји се поврзани со длабока историска блискост, потврдена со солидарност и меѓусебна поддршка во најтешките моменти, но и со трајни културни врски што ги надминуваат времето.

„Нашите две земји се поврзани со искрено пријателство, меѓусебно почитување и заедничка посветеност на европските вредности. Нашите билатерални односи се пример за добрососедска соработка во регионот веќе две децении. Затоа, денес претседателот и јас испраќаме пораки за регионална соработка и добрососедска поддршка“, истакна Милатовиќ.

Претседателот особено ја нагласил важноста на поддршката што Македонија ѝ ја даде на Црна Гора во клучните моменти од нејзината модерна историја.

„Особено го цениме фактот што Северна Македонија беше меѓу првите земји што ја признаа независноста на Црна Гора. Со тоа се постави солидна основа за развој на нашите дипломатски и политички односи.

Ова е особено важно да се каже во оваа година, кога славиме 20 години од враќањето на независноста и 20 години од воспоставувањето дипломатски односи“, нагласи Милатовиќ.

Зборувајќи за економската соработка, претседателот ја истакна потребата од нејзино интензивирање.

„Претседателката и јас разговаравме за понатамошно подобрување на нашата меѓудржавна соработка. Се согласуваме дека моменталната економска соработка е под својот потенцијал, дека трговската размена може да биде значително поголема и да достигне износ од најмалку 100 милиони евра.“

Охрабрени сме од растечкиот интерес на бизнис заедниците и убеден сум дека заедничките иницијативи ќе придонесат за поголема трговска размена и инвестициска соработка. Гледаме посебен потенцијал во туризмот, земјоделството, транспортот и дигиталната економија. Среќен сум што утре ќе имам можност да се сретнам со бизнис заедницата во вашата земја“, рече Милатовиќ.

Претседателот особено ја нагласи важноста на поврзувањето на луѓето, институциите и младите.

„Соработката меѓу нашите граѓани, институциите и локалните заедници е подеднакво важна. Партнерствата меѓу градовите и општините, културните и образовните иницијативи, како и соработката меѓу универзитетите и младите луѓе дополнително ги зајакнуваат нашите односи. Затоа сум исклучително среќен што денес го потпишавме Меморандумот за соработка меѓу нашите младински совети. Светот се потпира на младите луѓе и од нив зависи дополнително да го зајакнат нашето големо пријателство“, рече Милатовиќ.

Тие разговараа и за НАТО алијансата, како и за европската перспектива на регионот.

„Како лидер во процесот на пристапување, ние силно го поддржуваме европскиот пат на Северна Македонија. Секогаш ќе имате сојузник и целосна поддршка во нас. Црна Гора си постави амбициозна, но остварлива цел, да стане 28-ма членка на ЕУ во 2028 година. На овој начин, ќе покажеме дека европската перспектива на регионот не е само сон, туку реалност.

Нашите земји се обединети од цврста посветеност на мирот, соработката и европските вредности. Убеден сум дека во годините што доаѓаат ќе продолжиме да градиме односи кои не се само стабилни на политичко ниво, туку и искрено блиски меѓу нашите граѓани. Токму во оваа блискост лежи силата на нашето партнерство во пријателството и сигурноста дека заедно можеме да изградиме попросперитетен регион“, истакна Милатовиќ.

Зборувајќи за конкретни иницијативи за подобрување на соработката, претседателот истакна дека било разговарано и за воспоставување директна авиокомпанија меѓу Црна Гора и Северна Македонија.

„Црна Гора има своја национална авиокомпанија, ќе разгледаме воспоставување авиокомпанија меѓу Скопјe и Тиват, што треба дополнително да ја зајакне нашата економска соработка“, рече Милатовиќ во своето обраќање.

Слични содржини