Поранешниот министер за локална самоуправа Горан Милевски ќе замине за амбасадор на Северна Македонија во Љубљана, Словенија, а ексминистерот без ресор задолжен за дијаспората Едмон Адеми ќе ја заземе амбасадорската позиција во Мадрид, Шпанија.
За нивните амбасадорски позиции се шпекулираше веќе извесен период, а денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи потврди дека за нив се добиени и агремани од двете земји.
Милевски до крајот на октомври годинава беше министер за локална самоуправа, кога на позицијата го замени поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов.
Оставката од министерската функција тој ја поднесе кон средината на септември од, како што наведе тогаш, лични причини. Освен оттаму, тој се повлече и од лидерската позиција во Либерално-демократската партија (ЛДП) на која во ноември беше избрана пратеничката Моника Зајкова.
Едмонд Адеми, пак, е од редовите на СДСМ. Во техничката влада во 2016 година беше советник на техничкиот министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а кога беше формирана владата на Зоран Заев во 2017 година стана министер без ресор задолжен за дијаспора. Претходно, има работено во Институтот за политички и економски истражувања „Либерта“, во Амбасадата на САД во Скопје итн.