
Милијарда луѓе би можеле да бидат заразени со коронавирусот ширум светот доколку не бидат обезбедени итни служби на земјите во потреба, предупредува Меѓународниот комитет за спасување (IRC).
Основана од Алберт Ајнштајн во 1933 година, Меѓународната хуманитарна организација изјави дека е неопходна финансиска и хуманитарна помош за да се забави глобалното ширење на вирусот.
Многу земји во развој имаат ниски официјални стапки на заразени или смртни случаи – но се верува дека вистинскиот број е многу поголем, предупредува IRC.
Меѓународната организација потсетува дека голем проблем со кој се соочуваат земјите во развој или нестабилните земји е недостатокот на соодветна медицинска опрема за лекување на пациенти со „Ковид-19“.
Во Авганистан и Пакистан има помалку од 10 респиратори на милион луѓе, а во Нигерија бројката е уште помала – 0,8 на милион.
За споредба, Италија, која има една од најголемите стапки на смртност од коронавирус во светот, на почетокот на кризата имала 80 респиратори на милион луѓе.
Затоа велат дека „кревки држави“ како Авганистан и Сирија имаат потреба од „итно финансирање“ за да избегнат голема епидемија, пренесува Би-Би-Си.
Во извештајот, врз основа на модели и податоци од Светската здравствена организација и лондонскиот Империјал колеџ, се проценува дека меѓу 500 милиони и 1 милијарда луѓе може да бидат заразени на глобално ниво.
Исто така, беше речено дека може да има повеќе од три милиони смртни случаи во бројни земји погодени од војни и нестабилност.
„Овие бројки треба да послужат како повик за будење“, рече претседателот на комитетот Дејвид Милибанд.
Милибанд додаде дека „целосната, погубна и несразмерна тежина на оваа пандемија допрва ќе се почувствува во кревките и земјите уништени од војна“.
„Сега е круцијално донаторите да започнат флексибилно финансирање како прашање на итност. Владите мора да работат заедно за да ги отстранат сите пречки за хуманитарна помош “, истакна Милибанд.