Денес согласно постигнатите договори во месец јуни, за првпат заеднички ја празнуваме дејноста на Свети Климент Охридски, изјави денеска од Скопје министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков.
-Ќе положиме цвеќе во знак на почит пред споменикот на Св. Климент Охридски, тој е еден од најпознатите ученици на светите браќа Кирил и Методиј кои ние ги почитуваме и го почитуваме нивното дело, најави Милков.
Тој на денешната заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи во рамки на бизнис форумот „До една милијарда и понатаму“ која се одржува во Скопје, посочи дека заслугата за ова заедничко чествување е на македонско-бугарско историската Комисија.
-Заедничката комисија дава една општа интерпретација на делата на Кирил и Методиј и на свети Климент Охридски и во овој случај тоа е еден многу позитивен знак. Кога ние имаме заедничка концепција и општо разбирање за различни историски периоди, за различни историски личности тоа ќе реши ред проблеми кои денес ги има во историјата во нашите современи односи, потенцира Милков.
-Сакам да ја потврдам нашата заедничка поддршка на Мешовитата комисија и сметаме дека нејзиното успешно функционирање придонесува во работењето на развојот на добрососедските односи, порача шефот на бугарската дипломатија.
На последниот состанок на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија, одржан во Скопје, фокусот на разговорите беше ставен на промената на учебниците по географија, како што сугерираат августовските препораки. Тие мора да се променат во рок од една година, а во рок од две години треба да има промена и во учебниците по историја во Бугарија за 5-то одделение и во Северна Македонија за 6-то одделение.