Милков: Не поддржувам вето, но Бугарија секогаш има право на глас

од Nikola Popovski
190 прегледи

Бугарија ќе ги преземе сите мерки за случајот „Пендиков“ и тие се веќе во тек, изјавил утрово в.д. министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков.

Милков порачал и дека за најавеното чествување на роденденот на Гоце Делчев на 4-ти февруари „двете земји и главно институциите во Македонија мора да останат смирени и да се воздржат од какви било провокации за да се обезбеди потребниот ред, така што секој што сака да отиде на гробот, да може да се поклони“.

„Што се однесува до контранападот против Ангел Џамбаски и други наши политичари, мислам дека ова е дел од некој нов македонски наратив да се направи така што нападот против Бугаринот прво да се минимизира, како и систематските напади врз бугарските клубови и заедници таму да ескалираат. Прво започнаа со усвојување на репресивен закон, продолжија со подметнување пожар за што беше досудена условна казна, по што следеше пукање, а сега и физички напад врз лице кое е припадник на бугарската заедница. Таму се обидуваат да ни препишат споделена вина – од двете страни на границата има луди глави. Не може да има такви аналогии“, рекол Милков во утринска емисија на „БНТ“.

Тој потсетил дека во фокусот на францускиот предлог е почитувањето на правата на Бугарите во Македонија, што е заслуга на бугарскиот претседател Румен Радев.

Милков потенцирал дека не може да се стави вето на преговорите на Македонија со ЕУ, со оглед на тоа, како што вели, не се започнати.

„Јас не сум поддржувач на ветото, но Бугарија секогаш има право на глас“, појаснил Милков.

Министерот исто така ги коментирал изјавите на претседателот Стево Пендаровски:

„Како доктор по историја, можам да кажам дека ако има жртви на едната страна – спомнува 12 лица, би споменал илјадници луѓе кои биле убиени, 300.000 протерани меѓу двете војни. Сигурно слушнал за „Голи Оток“, каде што стотици Бугари беа однесени и загинале по Втората светска војна, само затоа што имале бугарска самосвест. Тие немаат претстава за нивната историја бидејќи сè уште не ги отвориле архивите на тајните служби, можеме да им помогнеме во тоа ако тие сакаат“, рекол Милков.

Слични содржини