Бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков утрово застана во одбрана на европратеникот и копретседател на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, за кого претседателот Стево Пендаровски побара да му биде забрането да влегува во С. Македонија поради неговите провокативни изјави и постапки.
-Што се однесува до контранападот против Ангел Џамбаски и други наши политичари, мислам дека ова е дел од некој нов македонски наратив да се направи да се минимизираат нападот против Бугаринот, систематските напади врз бугарските клубови и заедници, кои ескалираат. Тоа започна со усвојување на репресивен закон таму, продолжи со подметнување пожар за што е добиена условна казна, по што следеше пукање, а сега и физички напад врз лице кое е припадник на бугарската заедница. Се обидуваат да ни наметнат споделена вина – од двете страни на границата има луди глави. Не може да има такви аналогии, рече Милков во разговор за бугарските медиуми.
Џамбаски пред два дена се закани со атентат на претседателот Пендаровски.
-Нека се потсети Стево Пендаровски, претседателот на Северна Македонија, познат по прекарот Стево Коминтерната, дека многу други луѓе се обиделе да им забранат влез на лидери на ВМРО во Македонија и резултатот на тоа бил да речам, последниот таков резултат се случил со југословенскиот, српски крал Александар Караѓорѓевиќ. Така што, да учиме од историјата, ако се обиде да ми забрани влез во Македонија, нека ја види историјата и нека учи од неа, рече Џамбаски за бугарска „Нова“.
Тој најави дека на 4-ти февруари (чествувањето на роденденот на Гоце Делчев) ќе дојде во Скопје, за да го посети гробот во дворот од црквата Св. Спас.