Милорад Додик нема да оди в затвор – ја откупи затворската казна

од desk2
38 прегледи Фотографија: Вебсајт на претседателот на Република Српска

Разрешениот претседател на Република Српска, Милорад Додик, ја исплати целата потребна сума пари за да ја откупи едногодишната затворска казна што ја доби по конечната пресуда за непочитување на одлуките на Високиот претставник во БиХ.

„Одлучувајќи по барањето на одбраната на осудениот Милорад Додик за замена на изречената затворска казна со парична казна, Судот, во согласност со законските прописи, донесе одлука со која, по изјавата на Обвинителството на БиХ, беше усвоен горенаведениот предлог на одбраната, а затворската казна на осудениот Милорад Додик беше заменета со парична казна“, соопшти Судот на БиХ.

Додик платил 36.500 конвертибилни марки (18.662 евра), или 100 марки за секој од 365-те дена што требало да ги помине зад решетки.

Покрај затворската казна, на Додик му е забрането и политичко дејствување во траење од шест години. Поради ова, Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина му го одзеде мандатот како претседател на Република Српска.

Одлуката на Комисијата денес ја прими неговиот адвокат, Горан Бубиќ, кој поднесе жалба. Се очекува одлуката на Жалбениот совет да биде објавена следната недела.

Слични содржини