Милошоски: Да не се дозволи влез на Ковачев во земјава е соодветен и задоцнет потег

од Nikola Popovski
1,3K прегледи

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски ја нарече „соодветен и задоцнет потег“ одлуката да не се дозволи влез во земјава на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.

-Реакцијата на властите покажува две работи и двете се погрешни. Ако некој што не ги исполнува условите да биде добредојден гостин не може да биде примен во земјава и тоа можело да се случи пред 2-3 дена, се поставува прашањето зошто истото не можело да се случи пред 2,3 или 4 години кога се разгореа страстите и се случија одредени понижувања кај македонскиот народ. Втората е грешката со потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. Од август 2017 година, кога беше потпишан овој договор, секој месец како две земји докажуваме дека по неговото потпишување, нашите односи само се влошуваат, а тоа е апсурдот, вие потпишувате договор за пријателство и добрососедство, а се случуваат двојно повеќе кавги и недоразбирање, рече вчера Милошоски во емисијата „Само вистина“.

Поранешниот министер за надворешни работи во владата на Никола Груевски е дециден дека Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија е асиметричен и во него само Северна Македонија прави отстапки, додека Бугарија „нема ни обврска да не стави вето“ на преговорите на земјава со ЕУ.

На 6-ти мај, петмина бугарски државјани, меѓу кои европратеникот Ковачев и претседателот на фондацијата „Бугарска меморија“ Милен Врабевски биле запрени на граничниот премин Ново Село. Тие се упатиле кон бугарските воени гробишта кај струмичко Ново Село. Настанот на кој требало да учествуваат е панихида по повод празникот Ѓурѓовден.

Слични содржини