Министерот во заминување Кренар Лога има право да се жали и да пишува такви писма, но се надевам дека нема да ги испрати преку „Македонска пошта“, претпријатието кое што 20 години го управува ДУИ и е нефункционално. Ако се испратат писмата преку ЈП, нема да стигнат до адресите, изјави поранешниот шеф на македонската дипломатија и актуелен пратеник, Антонио Милошоски за денешната објава на Министерството за правда.
Околу темата правосуден систем, Милошоски истакнува дека „заради неспособниот тандем Лога и Аврамовска-Мадиќ, довербата во правосудството падна на рекордно ниски 2%“.
Милошоски смета дека реформи се неопходни и во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
-ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат обврска како ветен проект пред граѓаните, за кој што добивме голема поддршка, да направиме реформи во овие две институции. Законските интервенции кои што ќе се однесуваат на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители ќе бидат сублимат на експертски мислења и препораки на домашната стручна јавност, како може да се автономијата и стручноста на овие две институции, кажа Милошоски во емисијата „Дејли клик“.
Ваквата реакција следува откако Лога испратил писма до Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, до амбасадите на САД, Германија, Франција, Холандија и Белгија, до мисијата на ОБСЕ во Скопје, Програмската Канцеларија на Советот на Европа во Скопје, до Стејт Департментот преку Амбасадата на САД во РСМ и до Европската Комисија во Брисел, во кое изразува загриженост за најавите на парламентарното мнозинство дека подготвуваат пакет закони со кои ќе се распуштат двете уставни и независни категории-Судскиот совет и Советот на јавните обвинители.