Пратеникот и поранешен министер, Антонио Милошоски денеска информира дека се уште не знае дали земал повисока плата за април, согласно одлуката на Уставниот суд за одмрзнување на платите на функционерите, кои ќе растат заедно со просечната плата.
-Ќе проверам и ќе ви кажам, рече кратко Милошоски, како одговор на новинарско прашање.
Тој информира дека како пратеничка партија имале предлог-закон за укинување на 40 заменик-директорски места, за како што вели, биле изгласани во државни и јавни претпријатија од страна на СДСМ и ДУИ за полесно да се договараат во рамките на коалицијата.
-Власта со едно гласање беше против самата потреба овој Закон да се стави на дневен ред. Имаме лошо искуство со наши предлози кои се однесуваат на буџетските расходи. Затоа ќе дадеме можност на власта, она што го најавуваат како системски закон, што поскоро да стигне во Собрание и опозицијата ќе даде поддршка, кажа Милошоски на брифинг со новинарите во Собрание.
Пратеникот е дециден дека кај ВМРО-ДПМНЕ има политичка волја за намалување на коефициентите на плата кај функционерите.
Со одлуката на Уставниот суд кон крајот на март, за укинување на членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лиц, се одмрзнуваат платите на функционерите, кои што од 2014 година беа фиксирани. Досега, нивните плати се одредуваа со коефициент (во зависност од функцијата) кој се множеше со фиксна основица од 26.755 денари.