За да се процени кредибилноста на изјавата на германскиот канцелар Шолц, дека “нема да има нови услови од Бугарија” освен нивното наметнато барање за измена на Уставот, корисно е да се потсетиме на изјавите на претходната канцеларка Меркел од 2018 и 2020 година, објави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски во однос на вчерашната прес-конференција на германскиот канцелар и македонскиот премиер.
Милошоски истакнува дека и „тогаш владата во Берлин даде озбилни ветувања за интеграцијата во ЕУ, од кои до денес ниту едно не е исполнето, и покрај болните и изнудени измени на Уставот на Република Македонија“.
-Затоа, како држава кон ветувањата од ЕУ, подобро е да сме претпазливи, отколку повторно разочарани, смета поранешниот шеф на македонската дипломатија.
Германија го поддржува членството на Северна Македонија во ЕУ и го признава идентитетот, јазикот и културата на нејзиниот народ. Сега Скопје мора да ја спроведе ветената промена во својот устав за да ги отстрани сите пречки за членството на земјата во европската заедница. Ова синоќа го изјави Шолц по средбата со Ковачевски.
Предуслов за членство на Северна Македонија во ЕУ е промена на уставот за признавање на постоењето на бугарското малцинство. Бугарија повеќе не може да наметнува нови барања за Северна Македонија, додаде германскиот канцелар.