Во вечерашното издание на емисијата „24 Анализа“, се судрија ставовите на владејачката и опозициската партија во врска со преговарачкиот процес на Македонија со Европската Унија. Фани Каранфилова-Пановска, заменик-претседателка на СДСМ, истакна дека партијата стои зад сите напори на Владата кои имаат за цел да обезбедат подобра преговарачка позиција. Сепак, таа нагласи дека досега не гледаат конкретни резултати ниту сериозен дипломатски ангажман во таа насока.
„Алармираме во барањата и очекувањата за подобра преговарачка позиција, но не гледаме сериозен напор од страна на нашата дипломатија и целата инфраструктура што ја нуди дипломатската мрежа“, изјави Каранфилова-Пановска.
Од друга страна, потпретседателот на Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, смета дека вистинска сила во преговорите може да се постигне само доколку двете најголеми политички партии настапат обединето.
„Ако ние како политичари или како две поголеми партии застанеме заеднички зад еден став, тогаш и Европската Комисија ќе не цени поинаку, и ќе имаме поголеми шанси да добиеме план Б. Но, не можеме да добиеме подобра шанса ако претседателот на СДСМ оди во Брисел и вели дека безусловно би гласал за промена на Уставот по барање на Бугарија“, изјави Милошоски.
Дебатата ја отвори повторно чувствителната тема за преговорите со ЕУ и за потребата од домашен политички консензус во период на важни одлуки за иднината на државата.