Милошоски: Османи нека се појави во Собрание, затоа што тоа не е лична желба на министер

од Nikola Popovski

„Се надевам дека Османи ќе дојде денес во Собрание, затоа што тоа не е лична желба на министер, туку законска обврска“, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски за денешната седница на Комисијата за надворешна политика.

Според него, во нормалните демократии, не мора со протести да се дејствува за министер да се појави во парламентот.

„Многу порано требаше да се отвори ова прашање во Собранието. Треба да изгласаме национален став за проблемот со Бугарија. Главните одговори кои владата ги должи е каде се загуби датумот за преговори со ЕУ, за кој што се организираа музички прослави“, изјави Милошоски за „Утрински брифинг“.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера информира дека денеска во собраниската Комисија ќе има можност отворено да разговара со пратениците за, како што рече, хронолошки да ги објасни активностите што се преземени сите овие месеци за да се обезбеди исчекор на европскиот пат.

„Ќе ги вложам сите напори да ја прекинам тековната дипломатска офанзива за во среда на неколку часа да бидам во Скопје за да се обратам пред пратениците и членовите на Комисијата за надворешна политика во Собранието на Република Северна Македонија. Очекувам најмалку со иста ревносност претседателот на Комисијата, Антонио Милошоски, да ја закаже и седницата на која ќе ги претстават тезите и избраните амбасадори, со што ќе се отвори патот за нивно упатување во земјите на покривање“, стои во објавата на Османи.

Слични содржини