Сметам дека беше голема грешка и дипломатски неуспех што Ковачевски и Османи месец и пол наназад преговарале за обликот на овој предлог, дале свој удел, не го споделуваа со јавноста, дури не сакаа да направиме заедничка затворена седница во Собранието на комисијата на надворешна политика, или во поширок состав за да видиме кои се контурите на таквиот предлог, и затоа сметам дека ова отфрлање е изнудено откако Ковачевски и Османи увидоа дека голем дел од јавноста, интелектуалци, опозицијата, дел од помали коалициони партнери, новинари и граѓани, цвртсто се спротивставија на овој предлог – рече Милошоски.
Милошоски смета дека доколку Ковачевски го одбиеше францускиот предлог пред една недела тогаш може да се разговара за тоа дека сакал да ги заштити националните позиции на државата, но како што истакна денеска го одбил за да си ја заштити сопствената фотелја.
– Доколку одбивањето на овој предлог од Ковачевски се случеше пред една недела тогаш ќе можевме да разговараме за тезата дали е тоа заштита на некои национални позиции. А бидејќи се случи денес, на денот кога пред нос повторни ни ја затворија вратата на ЕУ, овде само станува потег кој што ги заштитува фотелјите на Ковачевски и Османи. И сметам дека би било добро и доблесно за нив да понудат оставки, бидејќи Ковачевски и Османи се најодговорните – потенцираше Милошоски.
Милошоски додаде дека со прифаќањето на францускиот предлог и негово модицифирање во бугарското народно Собрание се создава дополнителен хендикеп на државата за идните предлози и ставови на Бугарија по однос на Македонија во рамки на Европската Унија.