Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието, Антонио Милошоски реагираше по вчерашниот став на Кинеската амбасада во Македонија за средбата меѓу собраниски претставници со Тајванската економска мисија во Рим. Милошоски вели дека пратениците имаат легитимитет и право да се среќаваат со секој добронамерен поединец или делегација.
-Прво, официјалната политика на Македонија кон НР Кина останува непроменета, со почитување на принципот на нивната сувереност и територијалниот интегритет на една Народна Република Кина. Уверен сум дека заедничките проекти и соработката во сите области ќе продолжат со несмален интензитет, од кои двете држави како рамноправни партнери ќе имаат взаемна корист, пишува Милошоски во реакцијата.
Второ, додава пратеникот, избраните претставници во Собранието на Р.Македонија имаат легитимитет и право да остваруваат средби со секој добронамерен поединец или делегација, а се со цел да се искористи потенцијалот за размена на мислења околу меѓународните теми и да се потенцира ставот дека мирољубивиот дијалог за било кое прашање е подобар од било какви можни воени тензии или воени конфликти.
-Во тој дух и во знак на благодарност за нивната поддршка на Универзитетската клиника за педијатрија, беше остварена и средбата со претставниците од Канцеларијата официјален Тајпеј во Рим, а на која учество земаа пратениците Рашела Мизрахи, Фатмир Битиќи, и мојата маленкост, Антонијо Милошоски.
И на крајот, различните мислења и ставови се нешто вообичаено во секое демократско општество, па затоа сметам дека и од претставниците на НР Кина ваквите средби ќе бидат разбрани како можност за добивање на повеќе информации за теми кои го привлекуваат вниманието на пошироката меѓународна дипломатска јавност, порача Милошоски.
Амбасадата на Народна Република Кина во Македонија остро реагираше на средбата. Според Амбасадата, овој тежок, како што велат, погрешен чин го крши принципот „Една Кина“, политичка обврска што Македонија ја презеде при воспоставувањето дипломатски односи со Кина и став што го потврдија претседателката Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски, со што ја поткопува политичката основа на нашите билатерални односи.
Собранието на 20 ноември извести за средбата и објави фотографии на социјалните мрежи, но објавата на официјалниот сајт стана недостапна. На средбата, покрај Милошоски, присуствувале и пратениците Фатмир Битиќи и Рашела Мизрахи. Сепак, реакцијата на Кинеската амбасада беше насочена исклучиво кон потпретседателот на Собранието.