Доколку постои заеднички интерес и членството во ЕУ е важно и за Македонија, за Бугарија и за ЕУ, со поддршка на САД може да се постигне попрагматичен пристап за влезот во ЕУ и секоја од земјите да се чувствува како победник. Ова го кажа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошоски во емисијата „24 анализа“, одговарајќи на прашање дали мисли дека може повторно да се преговара за преговарачката рамка на земјата со ЕУ.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи европски модел за решавање на спорот со Бугарија – моделот на Словенија и Хрватска, меѓу кои исто така имаше проблем многу посериозен од ирационалниот спор меѓу Бугарија и Македонија, но со помош на Брисел, Хрватска се согласи да влезе во ЕУ и тогаш стапи на сила решението на нивниот спор. Но, да се прават измени на Уставот (на Македонија) и потоа да се добијат уште 5-10 блокади од Бугарија е наивно и неодговорно однесување“, рече Милошоски, објаснувајќи кое е решението што ќе го предложи опозициската партија за земјата да продолжи со реалните преговори со ЕУ.
Според него, со потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, владејачката партија СДСМ ја стави Македонија во подредена позиција, „бидејќи Бугарија се повикува на Договорот за пријателство кога стави вето и кога ја диктираше преговарачката рамка“, изјави Милошоски.