Самата влада забележува дека проектот Отворен Балкан е повеќе, би рекол, рекламна парола, отколку реална придобивка, вели пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски во вечерашното гостување во емисијата „Што не е јасно“ на телевизија Алфа, отфрлајќи ги обвинувањата од страна на СДСМ дека поради незакажување на комисијата за надворешни политики влијае врз „Отворен Балкан“.
„Пред некој ден имавме дури и објава од министерот за сообраќај и урбанизам на соседна Србија кој што дошол кај својот колега во Македонија на свадба и чекал повеќе од неколку часа на самата граница и кажа дека Отворен Балкан не функционира онака како што е замислено. И сега владата за да ги избегне тие критики се обидува да најде изговор најчесто кај опозицијата“, вели Милошоски.
Тој објасни дека СДСМ и ДУИ го имаат мнозинството во комисијата и доколку навистина Отворен Балкан им е приоритет тогаш има начин или претседателот на Собранието Талат Џафери да ја свика комисијата, или пак една третина од членовите на комисијата да побараат свикување со точки на дневен ред, при што тогаш претседателот на комисијата е должен истата да ја свика, но како што рече тој власта ова го користи само за дневни препирки се со цел да се дефокусира јавноста од економскиот неуспех и слабата македонска економија.