Во актуелните измени на Законот за игри на среќа кои Владата ги прифати и достави до Собранието се насетуваат бизнис интересите на владини функционери, вели за Плус Инфо Антонио Милошоски, актуелен член на Комисијата за европски прашања.
Токму во оваа Комисија и треба да се води расправата за законот, меѓутоа се чини дека дел од пратениците, меѓу кои и поранешниот функционер Антонио Милошоски, сметаат дека не треба да има заобиколување на јавната расправа.
За Плус Инфо тој вели дека законот не треба да се носи под закрила на европското знаменце за да се спречи некој да профитира од тоа.
„Во врска со предлог Законот за игри на среќа се насетуваат бизнис интересите на влијателни владини функционери, бидејќи истиот се предлага да се разгледува со европско знаменце, иако во ЕУ нема усогласена европска регулатива за оваа област“, истакнува Милошоски.
Тој објаснува дека повеќе земји на ЕУ имаат свои сопствени правила за игрите на среќа и поради тоа не постои основ за ЕУ знаменце.
„Ирска си има свои правила и закони за игрите на среќа, Италија си има свои, Австрија си има посебна регулатива, Полска има поинакви закони и така натаму. Поради ова, нема основ за ЕУ знаменце на закон за игри на среќа и затоа писмото на амбасадорот на Австрија изгледа како една членка на ЕУ да им удрила шлаканица на владините функционери од „квази-европскиот“ фронт“, вели за Плус Инфо Милошоски, член на Комисијата за европски прашања.