Со покачена минимална плата и субвенции за придонеси за работодавачите кои ќе ја покачат платата од 600 до 6.000 денари, социјална пензија за лица кои немаат работен стаж, поголема социјална помош, детски и образовен додаток… изминатата година Владата се обиде да ја унапреди состојбата и да го покачи стандардот на граѓаните.
Ниту еден вработен во државава од декември не смее да добива плата помала од 14.500 денари. Висината на минималната плата по неколкумесечно преговарање беше усогласена преку социјален дијалог со сите социјални партнери, во договор и со синдикатите и работодавачите. Од Владата очекуваат со ова да се зголеми стандардот на работниците, но и да се поттикне натамошно зголемување на платите, кои претходно биле исти или повисоки од сегашната минимална плата. Работодавачите, иако дел сметаат дека ќе им претставува дополнителен товар, се свесни дека пораст на платите мора да има со цел да се задржат работниците.
Сепак, остануваат стравувањата од лошата пракса законски загарантираната плата да им се исплаќа на работниците на трансакциските сметки, а потоа да им се бара да им ја вратат на работодавачите во „кеш“. За спречување на оваа појава, надлежните апелираат работниците да ги пријавуваат ваквите слулаи, а и, како што посочуваат, ги зајакнуваат капацитетите на Инспекторатот за труд за да може да постапува по пријавите.
Покрај зголемувањето на минималната плата, се очекува и зголемување на останатите плати преку искористување на владините мерки за субвенционирање на придонесите за покачување на платите од 600 до 6.000 денари.
Со мерката за субвенционирање на придонесите поради покачување на платите се очекува до 20 проценти од вработените во приватниот сектор да добијат поголеми плати. За оваа мерка во Буџетот се планирани две милијарди и 400 милиони денари.
Сепак, по донесувањето на законското решение за минималната плата остануваат дилемите дали навистина ќе се поттикне натамошно зголемување на платите, дали работодавачите ќе имаат реална можност тоа да го направат и дали ова решение ќе значи намалување на исплатата на плата во плик, начин на кој работодавачите се обидуваа да го избегнат плаќањето давачки кон државата за повисоки плати.
Мерките, според Владата, веќе ги даваат резултатите. Со мерката за субвенционирање на придонесите поради покачување на платите 44.940 работници во реалниот сектор добиле зголемена плата. Во просек платите на овие вработени се зголемени за 4.100 денари.
За унапредување на стандардот на граѓаните, особено на ранливите категории беа направени реформи во областа на социјалната заштита, при што беше зголемена социјалната помош, сега именувана како гарантиран минимален доход, а беа овозможени услови за поголем број од нив да можат да остварат детски и додаток за образование.
Пратениците во Собранието во мај го изгласаа пакетот закони кои треба да ја овозможат социјалната реформа. Трите пакет закони за социјална и детска заштита и социјална сигурност на стари лица треба да овозможат целосна преобразба на досегашниот систем за социјална заштита и воведување социјална правда како основа на секое здраво и напредно општество.
Од Министерството тогаш ова го оценија како голем ден за нашата држава и за сите граѓани.
-Собранието ги изгласа пакетот закони за социјалната реформа, со оваа реформа поставуваме нов стандард во социјалната заштита. Директно работиме на намалување на детската сиромаштија ги унапредуваме правата на лицата со попреченост и првпат воведуваме закон за социјална сигурност на старите лица. Целата реформа ја работевме во широка консултација со сите засегнати страни и тоа ни дава за право да веруваме дека истата таа ќе ги постигне и своите резултати. Не само што воведуваме минимален адекватен приход или повеќе финансиски средства кај најсиромашните туку воведуваме и услуги кои што директно овие лица ќе ги носат до вработување, а децата до предучилишно образование во целиот образовен систем, посочија од Министерството за труд и социјална политика.
Со ова, сметаат од Министерството, се овозможува секој да ги постигне своите потенцијали во општеството.
Со социјалната реформа пристапот до детскиот и образовниот додаток се зголемува за 20 пати повеќе деца. Конкретно, детскиот додаток место досегашните 3.200 деца ќе го користат 73.500 деца, а образовниот наместо 3.800 деца, 64.316 деца. Се воведе и социјална сигурност за стари лица кои останале без старосна пензија и немаат други извори за егзистенција.
И покрај сите преземени мерки во земјава и натаму 21,9 отсто или околу 455 илјади граѓани се сиромашни, иако се бележи намалување споредено со 2017 година кога стапката на сиромаштија изнесувала 22,2 проценти.