Минчев: „Балансерот“ е злоупотребен, вработувањата да се базираат на стручност и квалитет

од Илинка Илиоска
194 прегледи

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, вели дека алатката „балансер“ била предмет на злоупотреба и нагласи дека секое вработување во јавната администрација мора да се базира на стручност, знаење и квалитет, а не на етничка припадност.

„Ние како Министерство, од самиот почеток укажувавме на злоупотреба на ‘балансерот’ и нашиот став беше дека тој треба постепено да се укине,“ рече Минчев говорејќи во емисијата  „Трилинг“ на ТВ24. Тој појасни дека гаранцијата за вработувања не може да биде ниедна институција, туку уставно право на секој да конкурира за секое работно место.

Минчев истакна и дека Македонија нема друга алтернатива освен Европската Унија, но дека се потребни гаранции дека внесувањето на бугарскиот народ во Уставот ќе биде последното барање од страна на ЕУ.

„Нема сила која може да го натера македонскиот народ да каже дека постои од 1945 година. Нема сила која може да го натера македонскиот народ дека има заедничка историја со Република Бугарија. Нема Македонец кој може да прифати дека Гоце Делчев е Бугарин. Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ, но таму сакаме да влеземе како и сите други – со дигната глава, според Копенгхашките критериуми, базирани на европските начела за еднаквост и рамноправност, бидејќи досега Македонија во рамки на 30 години постоење, направи доволен број на отстапки и жртв“, потенцираше Минчев, додавајќи дека Македонија сака да влезе во ЕУ со дигната глава и врз основа на европските принципи на еднаквост.

Во врска со можни граѓански немири, Минчев ги отфрли тврдењата на опозициската партија ДУИ како популизам, коментирајќи дека „ДУИ го држи општеството во тензија со најави за протести и нарушување на безбедноста“. Тој посочи дека самата ДУИ, како дел од претходната влада, констатирала дека „балансерот“ се злоупотребува и дека треба да биде укинат.

Слични содржини