Минчев: Државата не е силна по бројот на закони туку по силата на луѓето што ги спроведуваат тие закони

„Нашата цел како Министерство е јасна, да создадеме администрација со луѓе кои се компетентни, мотивирани, кои ја чувствуваат својата работа како јавна мисија, а не само како работно место“, порача Минчев

од Nikola Popovski
12 прегледи Фото: MJA

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес во Штип ја отвори третата серија од генеричките обуки за административните службеници, кои овој пат ги опфаќаат институциите од источниот регион на државата.

Со ова, Министерството за јавна администрација ја продолжува агендата за професионализација на јавната администрација, откако веќе се реализирани две серии на обуки во кои повеќе од осумстотини јавни службеници од различни институции низ земјата стекнаа нови знаења и вештини за поефикасно и современо работење.

Во таа насока, Минчев истакна дека државата не се гради само преку закони, туку преку институциите што ги имплементираат и луѓето што ги спроведуваат тие закони.

„Јас цврсто верувам дека државата не е силна по бројот на закони, туку по силата на луѓето што ги спроведуваат тие закони. И водени од тоа, нашата цел како Министерство е јасна, да создадеме администрација со луѓе кои се компетентни, мотивирани, кои ја чувствуваат својата работа како јавна мисија, а не само како работно место.” – рече министерот.

Тој потенцира дека реформите во јавната администрација се процес полн со предизвици и отпор, но дека секоја обука, секое вложување во образование и развој е доказ дека Македонија се менува:

„Во секој реформски процес има предизвици, има отпори, има скепса. Но јас верувам дека токму овие моменти, кога сите заедно вложуваме во обуки, во образование, во подобрување на системот, се доказ дека Македонија се менува.”

Министерот нагласи дека вистинската промена не се случува преку ноќ, туку преку луѓето:

„Јас често велам – државата не се менува преку ноќ, туку преку луѓе. А овде гледам токму такви луѓе – луѓе што веруваат дека Македонија може подобро, дека институциите можат поефикасно, дека јавниот интерес вреди повеќе од личниот. Тоа е најсилната порака што ја испраќаме денес.” – истакна Минчев, потенцирајќи дека Македонија има историска шанса да стане држава со современа, европска и човечка администрација.

Министерството за јавна администрација останува целосно посветено на развојот на компетентни и мотивирани јавни службеници, кои ќе ја обликуваат иднината на државата и ќе ја градат довербата на граѓаните во институциите.