Минчев: Ќе се носат закони кои нема да бидат само „шминка и декор“ туку системски и прилагодени

од Nikola Popovski
176 прегледи

Формирањето на Министерството за јавна администрација е клучен чекор кон поефикасна и потранспарентна влада. Создавањето на Министерството за јавна администрација е стратешки одговор на тековните предизвици во бирократската неефикасност и недостатокот на транспарентност. Со централизирање на административните реформи под посветено министерство, владата има за цел да создаде поодговорен и ефикасен јавен сектор, изјави денеска министерот Горан Минчев.

Најави дека во наредниот период ќе се посветат на реализација на реформските надлежности на министерството односно подобрување на ефикасноста преку предлагање на иницијативите од страна на ова министерството за да го намалат времето на административна обработка преку рационализација на процедурите и намалување на бирократијата.

Министерството за јавна администрација ја започна формално правната постапка за повлекување на Законите од надлежност на Министерството за јавна администрација, кои веќе се во Собраниска процедура поднесени од претходната Влада, а тоа се: предлог Законот за административни службеници, предлог Законот за вработени во јавниот сектор и предлог Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници.

Согласно донесениот Закон за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, со кое впрочем и се формира оваа министерство има обврска да ги повлече овие закони.

-Изминатив период како министер остварив неколку средби со преставници на граѓански организации, синдикатите, како и меѓународни организации кои секако ја нагласија потребата од доработка на законите, по кои имаа и суштински забелешки. Исто така остваривме  средба и со евроамбасадорот Дејвид Гир каде го известив дека ќе ги повлечеме законите но притоа нема да ја загрозиме Европската агенда.

Овие закони и претходно беа предвидени дека ќе стапат на сила од јануари 2025 година и затоа се надевам дека ќе го испочитуваме рокот на донесување на овие закони.

Укажувам дека сите добри решенија кои веќе се дел од законите ќе останат, но сметам дека е потребно уште еднаш низ еден транспарентен и консултативен процес да донесеме одржливи закони. Закони кои нема да бидат само „шминка и декор“ туку ќе бидат системски и прилагодени за да одговорат на новите предизвици и можности за да имаме професионална, департизирана и мотивирана јавна администрација, секако почитувајќи ги стандардите и принципите на СИГМА, рече Минчев во обраќањето до медиумите.

Според неговите зборови, Предлог-Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници е нов закон.

-Со овој законот за прв пат во историјата на нашата администрација системски се предлага уредување и институционално се опфаќа стручното усовршување и обука и тоа се уредува како системски организиран процес во неформалното образование за чие спроведување за прв пат во историјата на нашата администрација ќе се формира Агенција за стручно усовршување и обука на административите службеници кое во развиените земји – членки и членките на ЕУ одамна се смета за капитална инвестицја во човечките ресурси;

Идејата е да имаме Агенција, но останува да размислиме дали не би било подобро ваква агенција да биде како орган во состав на МЈА, а не Агенција под Влада.

Верувам дека новите закони ќе треба да  ги решаваат  прашањата со поставување јасни стандарди и очекувања за вработените во јавниот сектор, обезбедувајќи повисоко ниво на услуга и транспарентност. Донесувањето на законската регулатива низ транспарентен процес ќе биде значаен чекор кон поефикасна, поодговорна и транспарентна јавна администрација, кажа министерот пред медиумите на неговата прва прес-конференција откако стапи на функцијата.

Слични содржини