Минчев: Нови правила за раководителите, крај на партиските вработувања

Предлог-законот за висока раководна служба претставува значаен чекор кон департизација и професионализација на јавната администрација, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев.

од desk4
14 прегледи Фото: Кабинет на Министер за Јавна Администрација

„Носењето закон само по себе не е доволно. Затоа со Законот за висока раководна служба прецизно ги уредуваме условите, мандатите и контролата на високите раководни позиции, особено на ВД-функциите, со што директно ја намалуваме можноста за злоупотреби“, изјави Минчев во телевизиско гостување.

Тој нагласи дека законот е дел од поширок реформски пакет што се спроведува паралелно со измените на Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор, со цел воспоставување систем заснован на знаење, професионален интегритет и јасни критериуми.

Според министерот, силната политичка волја за реформи е потврдена со формирањето на Министерството за јавна администрација, кое започнало со имплементација на препораки што со години биле нотирани во извештаите на Европска комисија.

Во однос на роковите, Минчев појасни дека иако постои одредено доцнење во однос на првичниот план, предлог-законот е објавен на платформата ЕНЕР во декември 2025 година и е отворена јавна и инклузивна расправа.

„Процесот го водиме транспарентно и во партнерство со институциите, граѓанскиот сектор и меѓународните партнери, а обезбеден е и грејс-период за финализирање на реформата“, додаде министерот.

Министерството за јавна администрација, како што истакна Минчев, останува посветено на спроведување одржливи реформи со цел изградба на професионална, ефикасна и департизирана јавна администрација во служба на граѓаните.