Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, како физичко лице, граѓанин, по допрен глас, поднесе претставка до Државниот инспекторат за труд, барајќи вонреден инспекциски надзор во Јавното комунално претпријатие „Пиша” од с. Липково.
Во претставката, Минчев укажува на сериозни неправилности во објавениот јавен оглас број 03-204/3, со кој се бараат четири нови вработувања на неопределено време.
Според огласот, критериумите за вработување вклучуваат етничка припадност, што е во спротивност со Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за работните односи и Правилникот за задолжителните елементи на јавните огласи
„Ова е директно нарушување на принципите на еднаквост и недискриминација. Законот е јасен – вработувањата во јавниот сектор треба да се базираат на квалификации, компетенции и транспарентност, а не на етничка или друга дискриминаторска основа” – истакна Минчев.
Како министер, но и како граѓанин, Минчев посочи дека ваквите случаи ја нарушуваат довербата во институциите и ги охрабрува граѓаните да се борат за почитување на своите права.
„Должни сме да изградиме праведен систем кој функционира подеднакво за сите. Политичката волја за почитување на законите мора да биде основен принцип на секоја јавна институција. Само така можеме да создадеме силна и правична држава” – нагласи Минчев.
Претставката до Државниот инспекторат за труд е поднесена со цел да се утврди дали во конкретниот случај постојат основи за прекршување на законите. Минчев повика инспекторатот да спроведе темелна истрага и да информира за преземените мерки.