Минчев: Техничка влада уште на следните избори, потоа следи целосно укинување

Измените на Законот за Владата, со кои се предвидува укинување на т.н. пржинска, односно техничка влада, влегуваат во завршна фаза. Предлог-законот наскоро ќе биде доставен од Министерството за јавна администрација до Владата, а потоа ќе следи расправа во Собранието, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев во гостување на ТВ Сител.

од desk4
25 прегледи Фото: МЈА

Минчев нагласи дека процесот се одвивал транспарентно и инклузивно, со активно учество и на опозициските партии. Тој потсети дека прашањето за техничката влада било отворено и на лидерска средба, при што, и покрај различните ставови, бил обезбеден простор и опозицијата да даде свој придонес во креирањето на законското решение.

Според него, нацрт-текстот бил доставен до координаторите на сите пратенички групи во Собранието, со рок за забелешки и предлози, дел од кои биле прифатени. Како што појасни, усвоени се и барањата на СДСМ дополнителните министри да бидат распоредени во ресорите што ги предложила опозицијата.

Како компромис, предвидено е техничката влада да важи уште за следните парламентарни избори, без оглед дали ќе бидат редовни или вонредни, по што целосно ќе се укине.

Министерот посочи дека законот ќе се носи со просто мнозинство од 61 пратеник, без потреба од Бадентерово мнозинство. Тој оцени дека моделот со 100 дена техничка влада значително го забавува реформскиот процес, нагласувајќи дека пржинската влада била воведена во 2016 година за обезбедување фер и демократски избори, а по повеќе изборни циклуси со позитивни оценки, ја исполнила својата улога.