Генералниот секретар на движењето, Горан Минчев, во гостување во централниот дневник на ТВ Сител истакна дека ЗНАМ е задоволен од резултатите и ги оцени како одлични.
„Не би се согласил дека движењето ЗНАМ има пад во гласовите. Напротив – ние ги исполнивме сите свои политички цели. Нашиот резултат не е добар, ниту многу добар, туку одличен,“ – рече Минчев.
Тој нагласи дека ЗНАМ настапи самостојно во 53 општини – што е една третина помалку од вкупниот број општини во земјата – и освои околу 40.000 гласови и 50 советници, бројка што целосно кореспондира со резултатот од парламентарните избори.
„Движењето ЗНАМ се стабилизира на политичката сцена. Граѓаните ги поздравија нашите политики и тоа се гледа по бројките – една третина помалку листи, една третина помалку гласови, ист резултат како на парламентарните избори.“ – истакна Минчев.
На прашањето дали овие бројки ја намалуваат тежината на ЗНАМ во владината коалиција, Минчев одговори:
„Апсолутно не! Нашите цели се исполнети. Господинот Максим Димитриевски има убедливо водство во Куманово, а ние сме во втор круг и во општина Центар. Тоа е потврда дека граѓаните имаат доверба во нашите кандидати и политики.“
Минчев потенцираше дека ЗНАМ останува столб на стабилност и коректор во Владата, со сопствени, автохтони политики, и дека партнерството со ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се темели на заемна поддршка и принципиелност.
„Ние не сме само коректор на ВЛЕН, туку и на одредени политики на ВМРО-ДПМНЕ. Во оваа влада функционираме како едно големо семејство кое учи, расте и создава резултати за граѓаните,“- додаде Минчев.
На крајот тој порача дека Движењето ЗНАМ е најмладата, но и најбрзорастечка политичка сила во Македонија, која ќе продолжи со ист интензитет да ја спроведува својата визија за чесна, праведна и европска држава.