Генералниот секретар на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Горан Минчев синоќа одржал средба со граѓаните, членовите и симпатизерите на партијата во Тетово. Порачал дека градот заслужува транспарентно и ефикасно управување, развој на инфраструктурата и враќање на довербата во локалната власт.
-Граѓаните се нашите партнери – заедно ќе изградиме програма што одговара на вистинските потреби на Тетово. Време е општините да престанат да бидат партиски плен и конечно да почнат да работат за граѓаните“, посочил Минчев.
Тој истакнал дека ЗНАМ нуди луѓе со знаење и интегритет, а не политички експерименти, и најави дека дијалогот со граѓаните ќе продолжи низ цела Македонија.
Движењето размислува да настапи со самостојни советнички листи на претстојните локални избори, а во делот за избор на градоначалници на општините размислува за соработка и взаемна поддршка со ВМРО-ДПМНЕ. Запрашан што значи тоа дека започнуваат преговори и дали на локалните избори ќе одат самостојно, портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов одговори:
„Движењето ЗНАМ формира преговарачки тим за соработка со политичките партии и во рамките на владиното партнерство веќе ги почнуваме преговорите со нашиот партнер во владата ВМРО-ДПМНЕ. Во делот на настапот на локалните избори партиското раководство на Движењето ЗНАМ размислува за самостоен настап на ниво на советнички листи, а во делот за изборот на градоначалници на општините, размислуваме за соработка и взамена поддршка со ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, секако дека кандидатите на ЗНАМ ќе бидат самостојни кандидати на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија поддржани од ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција“.
Со цел да се изберат квалитетни кадри за кандидати за градоначалници и за советници, формирани се четири карвани, кои ќе ги предводат претседателот на партијата, Максим Димитриевски, генералниот секретар Горан Минчев и двајцата потпретседатели Весна Бендевска и Павле Арсоски.
Посочи и дека Централниот одбор донел одлука за одржување на втор изборен Конгрес, кој ќе се одржи во втората половина од јули, а на кој ќе бидат избрани претседател на партијата, како и централен и надзорен одбор со мандат од четири години.