Измените на Законот за минимална плата со кои таа се зголемува од 15 200 на 18 000 денари, денеска се на пленарна седница во Собранието.
Ова законско решение се носи по скратена постапка, а доколку се донесе, согласно договорот на ЕСС, треба да почне да се применува веќе од март што значи дека во април околу 80.000 работници ќе земат зголемена минимална плата.
Синдикатите очекуваат едногласна поддршка од пратениците, а од претседателот на Собранието побараа нивни претставници да присуствуваат на седницата.
-Имајќи предвид дека сите политички партии и пратеници веќе се изјаснија дека ќе го гласаат законот, нашите очекувања се дека пратениците едногласно ќе го донесат законот со кој ќе се зголеми минималната плата што ќе влијае и на зголемување на останатите плати во државата. ССМ побара од претседателот на Собранието Талат Џафери, согласно неговите надлежности, да овозможи претставници на ССМ (членовите на Економско-социјалниот совет) да имаат можност да ја следат седницата во Парламентот, соопштија вчера од ССМ.
Договорот за покачување на минималецот беше постигнат во понеделникот вечерта, по неколку дена разговори меѓу ССМ, Владата и организацијата на работодавци. Според договореното, работодавците ќе ја покачат минималната плата, а за покривање на трошоците за придонесите за работниците ќе помага и државата. Новиот минималец ќе почне да се исплаќа со мартовската плата.