Привремената влада на Косово го прифати предлогот од Министерството за финансии на Косово за зголемување на минималната плата во земјата на 500 евра месечно, објави косовскиот весник „Газета експрес“.
Во предлогот усвоен денес се наведува дека зголемувањето на минималната плата во земјата, која моментално изнесува 350 евра месечно, ќе се спроведува во две фази – првата фаза од 1 јануари 2026 година, кога минималната плата ќе достигне 425 евра месечно, а втората – од 1 јули 2026 година, кога износот ќе достигне 500 евра месечно.
„По анализите што ги спроведовме за влијанието што мерката би можела да го има врз приватниот сектор, врз бизнисите, но и врз вработените, имајќи предвид дека оваа нова минимална плата влијае на околу 150.000 вработени во приватниот сектор, и по дискусиите што ги водевме и сугестиите и препораките што ги добивме од претставници на синдикатите и бизнисите, нашиот предлог е минималната плата за следната година да биде 500 евра, или поточно 3 евра по работен час“, коментираше вршителот на должноста министер за финансии на Косово, Хекуран Мурати.
Заедно со одлуката за зголемување на минималната плата, вршителот на должноста влада на Косово денес одобри и рекорден буџет, вклучувајќи зголемувања во различни сектори.