Министерот за економија, Крешник Бектеши обелодени дека следниот месец најверојатно минималната плата ќе биде околу 20 500 денари во приватниот и јавниот сектор и тие средства се предвидени со Буџетот за 2023 година.
Според него, поради тоа сите вработени во државната администрација ќе добијат линеарно покачување на платата од над 2.000 денари.
-Методологијата е целосно усогласена со синдикатите и институциите. Имајќи го предвид зголемувањето на минималната плата, очекувам дека покачувањето ќе биде над 2 000 денари линеарно за секоја категорија во државната администрација. Ако некој се спротивстави на зголемување на платите, мислам дека ќе направи голема грешка, а ако треба да се носи законско решение, најверојатно ќе го поддржат сите политички партии. Треба да направиме сè што е во наша можност за да ги зголемиме платите, кажа Бектеши на прес-конференција во Влада.