Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска во Собранието одговараше на пратенички прашања поврзани со договорот за соработка со Велика Британија, при што истакна дека сите проекти и задолжувања ќе се реализираат во согласност со македонските закони.
– Договорот овозможува да се искористат до пет милијарди фунти во наредните десет години. Тоа значи дека, доколку имаме подготвени и зрели проекти, би можеле да користиме по околу 500 милиони евра годишно. Отплатата ќе зависи од самите проекти, односно од нивната физибилити студија – некои можат да се отплатуваат 12 или 15 години, рече министерката.
Пратеничката Сања Лукаревска од СДСМ побара појаснување дали со овој договор се заобиколува Законот за јавни набавки, и дали однапред се познати фирмите кои ќе работат на проектите. Таа се интересираше и дали финансирањето ќе оди преку британската институција UK Export Finance (UKEF), која, според нејзините информации, поставува услов минимум 30% од вредноста на проектите да оди кај британски компании.
Министерката одговори дека Законот за јавен долг е јасен – тој не дозволува никакви условувања при склучување на договори за задолжување.
– Јас не можам да зборувам за начинот на кој работи UKEF, но можам да кажам дека ние ќе бараме понуди без никакви условувања – единствено за каматна стапка, рок на отплата и грејс период. Доколку некој постави услов, таквата понуда автоматски се смета за ништовна, бидејќи така наложува законот. Сè ќе биде транспарентно и согласно прописите – ништо надвор од закон, подвлече Димитриеска-Кочоска.
Во своето обраќање таа се осврна и на состојбата со јавниот долг. Според неа, во 2017 година долгот изнесувал 4,78 милијарди евра, додека во 2023 достигнал 8,48 милијарди евра. Особено го посочи зголемувањето во 2021 година, кога, како што рече, под изговор на антикризни мерки се направиле злоупотреби и долгот скокнал за 690 милиони евра.
– За првпат во 2025 година имаме намалување на јавниот долг за 36 милиони евра. Тоа јасно покажува дека оваа Влада и Министерството за финансии работат одговорно и домаќински, истакна министерката.
Таа додаде дека граѓаните можат да бидат спокојни, бидејќи сите чекори ќе бидат во интерес на јавноста и согласно законската рамка.