Министерката за одбрана и амбасадорката на САД присуствуваа на презентација на воената вежба „Брз одговор 2023“ во Кавадарци

од desk4
319 прегледи

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД, Анџела Агелер, денеска присуствуваа на презентацијата на опрема од воената вежба „Брз одговор 2023“, на градскиот плоштад во Кавадарци. Вежбата на армискиот полигон Криволак, е дел од големата вежба „Европски бранител 2023“ и се спроведува од 22 мај до 2 јуни, со учество на пет земји од кои четири НАТО сојузници (СРМ, САД, Албанија и Црна Гора) и партнерско Косово, со вкупно 1.850 учесници.

Министерката Петровска изрази задоволство од настанот, на кој се презентира дел од опремата што се користи и ќе биде употребена во текот на утрешниот ден, во рамки на изведувањето на вежбата „Брз одговор 2023“. Целта на вежбата, според неа, е да се покаже заедништвото и сојузништвото помеѓу армиите што учествуваат, како и нивната подготвеност за совладување на предизвици во иднина.

Таа истакна дека оваа вежба е само дел од активностите што македонската армија ги изведува со поддршка на армијата на САД, која е долгогодишен и голем стратегически поддржувач и пријател. Таа изрази задоволство што Република Северна Македонија и САД станаа сојузници во НАТО алијансата од 2020 година.

Петровска потсети дека земјава е домаќин на повеќе сојузници од НАТО алијансата и една партнерска земја, Косово, и се заблагодари на амбасадорката Агелер за несебичната поддршка што САД ја даваат на Република Северна Македонија.

Амбасадорката Агелер изрази гордост поради своето присуство во Кавадарци и ја нагласи несебичната поддршка и партнерството помеѓу САД и Република Северна Македонија. Таа ја пофали 30-годишната соработка и партнерство со Република Северна Македонија и изрази поддршка за Украина. Таа ги пофали македонскиот народ, армијата и регионалниот придонес, и ги поттикна да бидат горди на својата земја и своите семејства.

На прашање на новинарите дали се планираат слични отворени денови во другите градови, министерката Петровска изјави дека во секоја прилика кога се има вакви вежби на различни локации во државата, се организираат отворени денови, за да се овозможи на армијата и граѓаните да бидат поблиску.

Градоначалникот Митко Јанчев се заблагодари на министерката и амбасадорката за нивната посета и истакна значењето на неа за жителите на општината Кавадарци.

Слични содржини