ВЛЕН соопшти дека „нема да ги остават граѓаните сами во бојкотот на маркетите“. Според коалицијата на власт, преку акцијата „профитерите на сметка на народот се алармираат дека не можат да постават цени надвор од секоја економска логика“.
Коалицијата составена од три партии најавува дека министерот за економија Бесар Дурмиши, кој доаѓа од нивните редови, одблиску ќе се сретне со голем број граѓани за да ги поддржи во овој неопходен бојкот.
-Претходната власт во изминативе години ги толерираше трговците кои за дополнителен профит преку нереално поскапување дополнително се збогатуваа на сметка на граѓаните. Ова однесување мора да престане. И ако вака продолжи, имаме институционални механизми како што е Државниот пазарен инспекторат, кои веќе се на терен, ги контролираат цените на производите, а доколку дојде до енормно, неразумно зголемување на цените и нарушување на пазарната логика, ќе ги искористиме сите механизми, соопштија од ВЛЕН, додавајќи дека „не трпат богатење и профит на сметка на народот, во ниту една форма“.
Поддршка за протестот дадоа и останатите партии од власта и опозицијата, иако со меѓусебни обвинувања кој е виновник за високите цени на производите и „дивеењето“ на трговците.
Гласни се повиците на социјалните мрежи – да се бојкотираат маркетите денеска и да не се пазарува, како револт заради високите цени. По теркот на соседните земји, се шири апел и кај нас. На социјалните мрежи коментарите се различни, па оттаму ќе видиме денеска како ќе се одвива акцијата.