Министерот Љутков: Градот Охрид и Фестивалот „Охридско лето“ беа и остануваат епицентар на македонската култура

од Илинка Илиоска
51 прегледи

Со одличниот настап на оркестарот на Филхармонијата и светската музичка ѕвезда, виолинистот и дигирент Џулијан Рахлин од Литванија, вчеравечер на сцената на Античкиот театар во Охрид започна 64. издание на најреномираната музичко-сценска манифестација со интернационален предзнак, „Охридско лето“.

На свеченото отворање, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, истакна дека градот Охрид и Фестивалот „Охридско лето“ беа и остануваат епицентар на македонската култура во кој со децении се испреплетуваат илјадници културни збиднувања.

„Тие се најдобра потврда за нашиот чекор со актуелните европски и светски трендови, кои подразбираат континуитет на квалитетна продукција и интензивна творечка енергија што уметниците ја разменуваат со публиката“, рече во обраќањето министерот Љутков, посочувајќи дека овој фестивал претставува  временска верига на високи уметнички вредности што се создаваат во древниот Охрид.

Изразувајќи уверување дека „и годинава заеднички ќе посведочиме настани, кои пред македонската публика ќе ги принесат највредните дарови:  умешноста од зборот да се искове бесмртност, од музичкиот израз да се долови вонвременоста, а на сцената да се одигра вечната игра на животот“, Љутков упати благодарност до уметниците од Националната филхармонија, на кои им ја честиташе осумдесетгодишнината од постоењето.

Министерот Љутков посочи дека една од главните карактеристики на модерното општество е неговата идентификација преку културата и, како што рече, „со својата разновидност и посебност, културата е еден од клучните елементи за препознавање, дефинирање и афирмација на културниот идентитет на секоја земја и нација“.

− Токму затоа трајните вредности и посветената грижа за нив претставуваат врвен интерес на новата Влада и на Министерството за култура и туризам. Со особена чест и задоволство сакам да истакнам дека и во иднина, континуирано ќе го помагаме овој фестивал како несомнена потврда за нашата определба – да бидеме земја која високо ги вреднува европските и светските уметнички дострели, а градот Охрид и Фестивалот „Охридско лето“ беа и остануваат природна средина за космополитскиот дух на уметноста − рече министерот Љутков.

Фестивалот за отворен го прогласи претседателката на РС Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова. Годинава, честа да ја пренесе уметничката порака ја имаше познатиот македонски виолинист, концерт-мајстор во Националната филхармонија и професор по виолина на Факултетот за музичка уметност, Владимир Костов.

На 64. издание на „Охридско лето“, од 12 јули до 20 август на отворените сцени: Антички театар, Долни Сарај, предворје на „Св. Софија“, како и  во црквата „Св. Софија“ и во Центарот за култура, ќе бидат пречекани над 500 уметници од 24 земји и, секако, домашни уметници. Уметничката програма конципирана од селекторките Бисера Чадловска и Сања Арсовска ќе донесе 36 уметнички доживувања, од кои најголемиот дел од областа на класичната музика, шест театарски креации и по една изложба и промоција на книга.

Слични содржини