Постојаната претставничка на УНДП Нарине Сахакјан на денешната средба со министерот за локална самоуправа Горан Милевски информирала за актуелните проекти што се имплементираат од страна на УНДП во соработка со Министерството.

Од Министерството за локална самоуправа соопштија дека станува збор за три проекти насочени кон подобрување на системот на локалната самоуправа и на функционалноста на општините. Посебен акцент во сите проекти е ставен на инклузивното планирање на развојот на општините со директна вклученост на граѓаните, како и на зајакнување на капацитетите на општините за транспарентно работење и за подинамичен и оддржлив развој, преку подготовка на локални развојни стратегии и реализирање на развојни проекти.
Министерот Милевски изразил убедување дека соработката ќе продолжи и во иднина, особено во реализација на приоритетите за продлабочување на процесот на децентрализација со трансфер на нови надлежности и финансиски средства.
Тој побарал поефикасна имплементација на веќе започнатите проекти, во што ќе помогне и Министерството со поголема ангажираност и динамизирање на временската рамка.