Министерот за здравство Алиу: Пријавете неправилности во кардиолошките интервенции

од desk2
17 прегледи Фотографија: Министерство за здравство

Министерството за здравство ги повика граѓаните да пријават евентуални неправилности поврзани со кардиолошки и кардиоваскуларни интервенции, преку алатката „Пријавете неправилност“, достапна на веб страницата на МЗ на следниот линк.

„Транспарентноста во секој процес е наш приоритет, така што кон секоја пријава на каква било неправилност во здравствениот систем пристапуваме со максимална одговорност и постапуваме согласно законските процедури. Токму затоа потсетувам дека преку оваа алатка граѓаните можат да пријават и сознанија за евентуални неправилности во врска со кардиолошките интервенции. Министерството за здравство останува посветено на унапредување на здравствениот систем, а наш приоритет е здравјето и безбедноста на пациентите“, порача министерот за здравство, Азир Алиу.

Од Министерството потенцираат дека пријавувањето е доверливо и дека по секоја пријава се постапува согласно законските процедури.

Веќе е формирана интерна комисија која работи на изготвување прелиминарна анализа за состојбата со кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции во здравствените установи во земјата. Наодите од оваа анализа ќе бидат доставени до стручна комисија составена од странски експерти.

Паралелно, Министерството испрати допис до јавните здравствени установи со барање да достават податоци за вкупниот број извршени процедури и операции во периодот јануари 2022 – август 2025 година. Станува збор за интервентни кардиолошки процедури како коронарографии и стентирања, васкуларни ангиографии, како и кардиохируршки и васкуларни операции.