Министерство за економија: „Новогодишната кошница“ беше успешна, трошоците за храна и пијалоци во декември се намалени за 0,3%

од Nikola Popovski
14 прегледи

Главната цел на Новогодишната кошница која што беше креирана од бизнисот односно производителите, дистрибутерите и трговците, беше да се креира поширока листа на одделни прехранбени производи кои што се ставија со намалени цени на рафтовите. Со истата се спречи зголемување на цените пред и за новогодишните и божиќните празници и се одржа стабилно ниво на инфлацијата во месец декември 2024 и месец јануари 2025 година, за време на новогодишните и божиќните празници кога има зголемена потрошувачка, велат од Министерството за економија за „новогодишната кошничка“.

Според ресорот предводен од министерот Бесар Дурмиши, „новогодишна кошница“ беше успешна и придонесе за намалување на цените на производите кои што беа вклучени во нејзе.

Од Економија посочуваат дека според Државниот завод за статистика од податоците за Индекси на трошоците на животот и на цените на мало за декември се забележува дека инфлацијата во 2024 година споредено со 2023 година изнесува 3,5% како што беше и проектирано. На месечно ниво пак во декември 2024, споредено ноември 2024 година инфлацијата изнесува 0,3%. Податоците на статистика покажуваат дека во декември 2024 година во однос на ноември 2024 година намалувањето на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалоци изнесува -0,3%.

-Ова покажува дека Новогодишната кошница каде што беа вклучени во најголем дел прехранбени и безалкохолни пијалоци го дала својот ефект и цените на храната и пијалоците во декември 2024 година бележат намалување во однос на ноември 2024 година. Се очекува и во статистичките податоци за месец јануари 2025 година во однос на декември 2024 година, да се потврдат ефектите од новогодишната кошница, односно да се оствари дополнително намалување на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалоци. Благодарност до сите производители, дистрибутери и трговци кои што се приклучија и учествуваа во оваа акција и ги намалија цените на прехранбените производи и на дел од пијалоците за време на новогодишните и божиќните празници, порачаа од Министерството за економија.

Слични содржини