Министерство за енергетика: Изјавата на Божиновска дека „Буџетот не е во најдобра состојба“ се однесуваше исклучиво за самофинансирање на „Чебрен“

Од ресорот предводен од Божиновска ги обвинија СДСМ дека изнесувале „неосновани и лажни тврдења“

од Nikola Popovski
26 прегледи Фото: Фејсбук/Сања Божиновска

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини најостро и недвосмислено ги демантира, како што вели, неоснованите, манипулативни и свесно лажни тврдења на СДСМ. Од Министерството тврдат дека СДСМ уште еднаш покажуваат дека „како опозиција немаат ниту аргументи, ниту кредибилитет – туку само потреба да ја прикријат сопствената одговорност за финансискиот хаос што го оставија зад себе и во секторот енергетика“.

-Осврнувањето на министерката Сања Божиновска за состојбата на Буџетот се однесуваше исклучиво на реалната можност државата сама да финансира проект од обем и тежина како хидроцентралата „Чебрен“– инвестиција вредна над една милијарда евра. Притоа, министерката јасно и одговорно посочи дека ниту еден проект, колку и да е значаен, не смее да значи запирање на средствата за здравството, образованието, инфраструктурата и другите клучни јавни инвестиции.

Ние јавно кажуваме што е финансиски можно, а што би било неодговорно и ризично за државата. Тоа е разликата меѓу одговорна политика и опасен популизам – разлика што СДСМ очигледно мора да ја научи, стои во соопштението на ресорот енергетика.

Според Министерството, фактот дека капиталниот дел од буџетот денес е ограничен е директна последица на години недомаќинско, хаотично и неодговорно управување, период во кој не беше реализиран ниту еден стратешки капитален проект, а државата беше задолжувана без јасна визија и резултати.

-Буџет што беше разнишан и нефункционален, оваа Влада сега го стабилизира и го става во служба на реални, мерливи и остварливи проекти. Очигледно е дека на СДСМ им пречи воведувањето ред и систем. Министерството направи суштински пресврт во енергетскиот сектор, овозможувајќи стотици домашни и странски компании да инвестираат транспарентно, законски и под еднакви услови – нешто што со години беше блокирано.

И покрај ниските, манипулативни и неосновани напади од СДСМ, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува фокусирано на реализација на клучни проекти за граѓаните, со одговорно планирање, финансиска дисциплина и без загрозување на стабилноста на државата, посочуваат од ресорот на министерката Божиновска.

Вчера СДСМ оцени дека Владата на премиерот Христијан Мицкоски јавно го потврдила она на што опозицијата со месеци предупредува – дека државниот буџет е во сериозна криза и дека во него недостигаат значителни средства. Повод за ваквите обвинувања е изјавата на министерката за енергетика, која, според СДСМ, отворено признала дека финансиската состојба е далеку од стабилна.

-„Како што знаете Буџетот не ни е во најдобра состојба, меѓутоа ќе видиме“. Со оваа изјава Министерката за енергетика на Мицкоски, Сања Божиновска призна дека во буџетот нема пари. Оваа изјава на Божиновска е уште еден доказ, фалат 2 милијарди евра.

Владата вели нема пари за ништо освен за криминални тендери. Тие течат без пречки. Има пари 161 тендер за една фирма, има за 51 тендер за омилената фирма преку општините, има за 9 милиони евра за двајца вработени, има 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта.

Само за поголеми плати и пензии нема пари владата на Мицкоски, порачаа, меѓу другото, од „Бихаќка“.