Министерството за култура и туризам најостро ги отфрла, како што велим неточните и тенденциозни обвинувања изнесени во денешното соопштение на СДСМ во врска со оштетувањето на заштитениот објект – куќата на Владо Малески во Струга. Сметаат дека овие обвинувања од СДСМ претставуваат исклучиво политичка злоупотреба на една чувствителна тема за дневно партиски цели и манипулација со јавноста.
-Заради правилно информирање, потенцираме дека Решението за рушење на постојниот соседен објект и изградба на нов објект во сопственост на Зуди Каба од село Велешта, под број 08-738/2022 од 17.07.2023 година, е издадено во периодот кога институциите беа под раководство на СДСМ. Ова јасно покажува дека токму претходната власт, наместо да го штити културното наследство, го занемаруваше и игнорираше. За разлика од повеќегодишната негрижа, министерот Љутков се залага и е максимално посветен на системски пристап во заштитата, промоцијата и презентацијата на културното наследство, посочуваат од ресорот култура.
Додаваат дека веднаш по добиените информации во текот на вчерашниот ден увид извршиле стручен тим од надлежниот Завод за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид, а во моментов на терен е инспекциската служба од Управата за заштита на културното наследство која врши увид во состојбата со заштитениот објект, за што јавноста ќе биде благовремено информирана.
-Министерството останува непоколебливо посветено на вистинската заштита и унапредување на културното наследство, кое претставува темел на македонскиот идентитет и потенцијал за развој на културата и туризмот.
Нашата заложба е јасна – културното наследство не смеат да бидат жртва на политички игри и дневнополитички интереси. Културното наследство му припаѓа на народот, затоа нема да дозволиме тие да бидат искористувани за партиски пресметки и деструктивни наративи кои создаваат недоверба и поделби.
И додека СДСМ рушеше објекти, јазикот, културата и идентитетот, ние градиме на дело: Универзална сала, Струмички театар, Театар Куманово, Кино Партизан…, потенцираат од Министерството за култура.
СДСМ во својата реакција вели дека оштетувањето е резултат на „системска незаинтересираност, институционална парализа и политичка неодговорност на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ“.
СДСМ ја обвинува Управата за заштита на културното наследство дека „молчи и не презема ништо“, прашувајќи дали е така затоа што рушителите се „блиски до власта“ или дека институциите се во служба на бизнис-интересите на ВМРО-ДПМНЕ и нивната „тајна коалиција со ДУИ“.
Од СДСМ велат дека министерот за култура Зоран Љутков „наместо да го брани културното наследство, се занимава со партиска кампања и самопромоција“.