Министерство за одбрана: Македонски војници нема да бидат испратени во Украина

-Македонија секогаш била за мир и за безбедност, велат од Министерството за одбрана за „Локално“

од Nikola Popovski
36 прегледи

Македонија нема да испраќа свои војници на мисија во Украина, како дел од евентуален исход од мировните разговори меѓу САД, Украина и Русија – ова е ставот на Министерството за одбрана на прашање од „Локално“. Ова следува откако кај неколку европски земји има подготвеност да испратат свои војници во Украина за да помогнат во одржувањето на мирот и да одговорат во случај Русија да прекрши потенцијален мировен договор. Слична таква најава дојде и од Словенија, иако тамошниот премиер Роберт Голоб побара тоа да биде само како заедничка мисија под мандат на Обединетите Нации.

Од нашето Министерство за одбрана додаваат дека министерот Владо Мисајловски многупати досега во однос на војната во Украина ја има пренесено пораката на Македонија и на состаноците на министри за одбрана на НАТО и на билатералните средби, дека е потребно најбрзо воспоставување мир кој ќе стави точка на страдањата на украинскиот народ и донесување трајно одржливо решение кое повторно ќе ја врати безбедноста на целиот европски континент.

-Дополнително во неколку наврати на новинарски прашања Министерството за одбрана одговори дека македонски војници нема да бидат испратени во Украина.

Истакнуваме дека Македонија секогаш била за мир и за безбедност. Низ историјата покажавме дека ние секогаш имаме принципиелен став и дека секогаш сигурноста на секој еден македонски граѓанин ни е приоритет, велат од ресорот Одбрана. 

Првиот човек на НАТО, Марк Руте вчера порача дека неколку европски држави, доколку е потребно, се подготвени да испратат војници во Украина. Одговарајќи на прашања од новинарите, Руте нагласи дека деталите за распоредувањето на силите не се дискутираат јавно, но потврди дека неколку земји веќе изразиле подготвеност да ги испратат своите сили.

Генералниот секретар на НАТО објасни дека Алијансата во моментов работи на структурирање на таканаречената Коалиција на подготвените, што вклучува дефинирање на природата на распоредувањето на копнени, морски и воздушни сили. -Сите овие елементи во моментов се координираат, рече тој.

Пред пет дена, лидерите на земјите учеснички во Коалицијата на подготвените официјално ја изразија својата подготвеност да распоредат сили за поддршка во Украина како дел од безбедносните гаранции по завршувањето на војната.

„Локално“ уште на почетокот на 2025 година анализираше за што може да се очекува на тлото на Украина. Дел од соговорниците истакнаа дека постојат три начини да се гарантира безбедноста на Украина, а една од нив е „корејскиот“ модел или меѓународна мировна мисија која ја чуваше демаркационата линија меѓу Јужна и Северна Кореја повеќе од 70 години. Сметаа дека токму на овој модел ќе се засноваат безбедносните гаранции за Киев.

Корејско сценарио – решение за Украина: Дали во 2025 ќе видиме мировни сили со мандат од ОБСЕ и ООН на демаркационата линија и би се гарантирала иднина на Киев во ЕУ?

Разговорите во САД за мировно решение за војната во Украина, според изјави од повеќе страни, поминале позитивно. Притоа не се објавени детали или конкретен напредок.

Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф на платформата X напиша дека разговорите меѓу претставници на САД, Европа и Украина за завршување на војната биле „продуктивни и конструктивни“.

Н.П.

Слични содржини